Политика за приватност

ФД КРЕДИСИМО ДОО Скопје (во натамошниот текст: „КРЕДИСИМО“ или „Друштвото“) е посветено на заштитата на личните податоци и на приватноста на своите клиенти и на сите лица чии лични податоци ги обработува. Со оваа Политика за приватност (во натамошниот текст: „Политиката“) на транспарентен начин се уредува како КРЕДИСИМО, во својство на контролор, ги собира, користи, споделува и чува (во натамошниот текст: „обработува“) личните податоци, согласно Законот за заштита на личните податоци („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 42/2020, 294/2021 и 101/2025) (во натамошниот текст: ЗЗЛП).

І. КОНТРОЛОР И КОНТАКТ ПОДАТОЦИ

Контролор на личните податоци е ФД КРЕДИСИМО ДОО Скопје, со ЕМБС 7134185, со седиште на ул. „Максим Горки“ бр. 11/1-4, Скопје – Центар. Со нас можете да остварите контакт на телефонскиот број 02 511 1010 или на адресата на електронска пошта support@credissimo.mk.

КРЕДИСИМО има назначено Офицер за заштита на личните податоци (во натамошниот текст: ОЗЛП), до кого можете да се обратите за сите прашања поврзани со обработката на Вашите лични податоци и со остварувањето на Вашите права, на адресата на електронска пошта dpo@credissimo.mk или на телефонскиот број 02 511 1010.

II. НАЧЕЛА ЗА ОБРАБОТКА НА ЛИЧНИТЕ ПОДАТОЦИ

КРЕДИСИМО ги обработува личните податоци согласно начелата утврдени во член 9 од ЗЗЛП. Личните податоци ги обработуваме законито, правично и на транспарентен начин, исклучиво за конкретни, јасни и легитимни цели и не ги обработуваме понатаму на начин што не е во согласност со тие цели. Собираме само податоци кои се соодветни, релевантни и ограничени на она што е неопходно за остварување на целите на обработката, при што преземаме разумни мерки податоците да бидат точни и ажурирани. Личните податоци ги чуваме во форма која овозможува идентификација на субјектите не подолго отколку што е потребно за целите заради кои се обработуваат, а нивната безбедност ја обезбедуваме со соодветни технички и организациски мерки кои спречуваат неовластена или незаконска обработка, случајно губење, уништување или оштетување. КРЕДИСИМО е одговорно и може да ја докаже усогласеноста со наведените начела.

ІІІ. КАТЕГОРИИ НА ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ КОИ ГИ ОБРАБОТУВАМЕ

Во зависност од односот што го имате со КРЕДИСИМО и од услугите што ги користите, ги обработуваме следните категории на лични податоци:

  • Идентификациски податоци: име и презиме, ЕМБГ, број на лична карта со датум, место на издавање, важност и орган што ја издал, копија од лична карта (предна и задна страна), односно меѓународен пасош, државјанство, постојана и моментална адреса, потпис;
  • Контакт податоци: телефонски број, адреса на електронска пошта, адреса за достава на документи доколку е различна од адресата на живеење;
  • Финансиски и кредитни податоци: податоци за видот на вработувањето и работодавецот, приходи, имотна состојба, кредитна историја и тековни обврски, податоци за избраниот начин на исплата на кредитот, број на банкарска сметка и други платежни информации поврзани со трансакции во корист на Друштвото;
  • Податоци за електронскиот профил: единствен кориснички број за идентификација на електронскиот профил во системот на КРЕДИСИМО, идентификациски број на поднесено барање, односно склучен договор за потрошувачки кредит;
  • Податоци за политичка изложеност: податок дали лицето е носител на јавна функција, односно лице поврзано со носител на јавна функција во последните 12 месеци, согласно прописите за спречување перење пари и финансирање на тероризам;
  • Комуникациски податоци: гласовно снимање на телефонските разговори со КРЕДИСИМО, електронска кореспонденција, писма, барања, поплаки и други повратни информации. Кога ја користите функцијата за разговор во живо (чет) на веб-страницата, обработуваме само оние податоци што доброволно ќе ги внесете во разговорот, односно што ќе ги наведете при префрлање на разговорот кон наш оператор; самата функција нуди претходно дефинирани прашања и одговори и не бара внесување лични податоци за нејзино користење;
  • Податоци за трети лица наведени од Вас: име и презиме и телефонски број на дополнителното лице за контакт наведено од Вас (кое не е гарант), односно име, презиме, ЕМБГ, адреса и телефонски број на Вашиот полномошник наведени во полномошното. Корисникот на кредитот е должен да го информира дополнителното лице за контакт за обработката на неговите лични податоци и за содржината на оваа Политика;
  • Податоци за наследници: во случај на смрт на корисникот на кредитот, податоци за членовите на семејството, односно наследниците, заради остварување на нивните права и обврски;
  • Технички податоци собрани автоматски: при користење на веб-страницата www.credissimo.mk и на мобилните апликации: тип на уред, IP адреса, интернет провајдер, податоци за најава, тип и верзија на прелистувач, оперативен систем, поставки за часовна зона, резолуција на екран, приближна локација на уредот, како и податоци за Вашата посета, посетени страници, времетраење на посетата, интеракции со содржината и начин на пристапување и напуштање на страниците.

ІV. ИЗВОРИ НА ЛИЧНИТЕ ПОДАТОЦИ

Личните податоци примарно ги добиваме директно од Вас при поднесување на барање за склучување на договор за потрошувачки кредит, при креирање и користење на електронски профил, во текот на администрирањето на склучен договор, како и при секоја комуникација со нас по телефон, електронска пошта, преку чет, социјалните мрежи или други канали.

Одредени технички податоци се собираат автоматски при користењето на веб-страницата и на мобилните апликации, на начин опишан во оваа Политика и во Политиката за колачиња.

Лични податоци добиваме и од трети страни, и тоа од Македонско кредитно биро АД Скопје и од Клириншка куќа КИБС АД Скопје, заради проценка на Вашата кредитна способност и проверка на Вашата финансиска состојба, како и од банки, финансиски и платежни институции за трансакциите направени во корист на Друштвото, од надлежни државни органи и регистри, и од кредитни посредници и деловни партнери преку кои сте аплицирале за нашите услуги. Прибавувањето податоци од трети страни го вршиме согласно ЗЗЛП, а кога тоа е предвидено со закон, врз основа на Ваша претходна согласност.

V. ЦЕЛИ И ПРАВЕН ОСНОВ ЗА ОБРАБОТКАТА

КРЕДИСИМО ги обработува Вашите лични податоци првенствено заради обработка на барањата за склучување на договор за потрошувачки кредит, администрирање на склучените договори и исполнување на законските обврски што произлегуваат од дејноста на Друштвото, вклучително обврските за идентификација на клиентите, проценка на кредитната способност и спречување перење пари и финансирање на тероризам. Покрај тоа, личните податоци ги обработуваме заради комуникација со Вас во преддоговорните и договорните односи, обезбедување и подобрување на функционалноста и безбедноста на веб-страницата и мобилните апликации, унапредување на квалитетот на услугите, наплата на побарувањата, како и само врз основа на Ваша изречна согласност за цели на директен маркетинг, учество во Програмата за лојалност и во наградните игри.

Преглед на целите на обработката и на соодветниот правен основ согласно член 10 од ЗЗЛП е даден во следната табела:

Цел за обработката Правен основ
Обработка на барање и склучување на договор за потрошувачки кредит Член 10 став (1) точка б) од ЗЗЛП, обработката е потребна за извршување на договор во кој субјектот на личните податоци е договорна страна или за преземање дејствија на негово барање пред склучување на договорот
Идентификација и проверка на идентитетот на клиентот Член 10 став (1) точка в) од ЗЗЛП, законска обврска согласно Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам
Проценка на кредитната способност, кредитна историја и приходи Член 10 став (1) точка в) од ЗЗЛП, законска обврска согласно Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити и Законот за кредитно биро; за прибавување податоци од Македонско кредитно биро - Ваша согласност (член 10 став (1) точка а))
Директен маркетинг, Програма за лојалност и наградни игри Член 10 став (1) точка а) од ЗЗЛП, Ваша изречна, информирана и недвосмислена согласност
Комуникација со клиентите и снимање на телефонските разговори Член 10 став (1) точка ѓ) од ЗЗЛП, легитимен интерес на КРЕДИСИМО за обезбедување квалитетна корисничка поддршка и докажување на содржината на комуникацијата
Заштита на правните интереси, спречување измами и наплата на побарувања Член 10 став (1) точка ѓ) од ЗЗЛП, легитимен интерес на КРЕДИСИМО за остварување и одбрана на правни барања
Анализа и подобрување на услугите Член 10 став (1) точка ѓ) од ЗЗЛП, легитимен интерес на КРЕДИСИМО за унапредување на квалитетот на производите и услугите

VI. ПРОФИЛИРАЊЕ

При обработката на личните податоци КРЕДИСИМО врши профилирање на клиентите според одредени параметри, како што се економската состојба и кредитната историја, заради проценка на кредитната способност и на ризиците, утврдување на максималниот износ на кредитот, спречување на измами и исполнување на обврските за спречување перење пари и финансирање на тероризам.

КРЕДИСИМО не донесува одлуки засновани исклучиво на автоматизирана обработка кои произведуваат правни последици или на сличен начин значително влијаат врз Вас. Секоја одлука во врска со Вашето барање за кредит вклучува значајна човечка интервенција од страна на овластено лице на Друштвото.

Со Ваша изречна согласност, профилирање може да користиме и за да Ви понудиме посоодветни услуги и маркетинг понуди, засновани на анализа на Вашето претходно користење на нашите производи и услуги, преференции и интереси. Во секое време имате право да поднесете приговор против профилирањето за цели на директен маркетинг.

VII. ПРИМАТЕЛИ НА ЛИЧНИТЕ ПОДАТОЦИ

Вашите лични податоци можеме да ги споделиме со одредени категории на приматели, исклучиво во мера во која тоа е неопходно за остварување на целите наведени во оваа Политика и врз соодветен правен основ. Тоа се:

  • даватели на услуги (обработувачи) кои постапуваат по наши документирани инструкции, како што се даватели на услуги за идентификација и потврдување на идентитетот, хостирање, развој и одржување на информациските системи и на веб-страницата, услуги за разговор во живо (чет) на веб-страницата, поштенски, курирски и комуникациски услуги, како и услуги за поддршка на маркетинг активностите;
  • КРЕДИСИМО ЕАД, со седиште во Софија, Република Бугарија, како поврзано друштво во рамки на групацијата, на кое се пренесуваат лични податоци во рамки на групациската соработка и одржувањето на информацискиот систем. Преносот се врши во земја-членка на Европската Унија и е уреден со договор меѓу друштвата;
  • Македонско кредитно биро АД Скопје — за податоците за Вашите обврски, согласно Законот за кредитно биро;
  • надлежни државни органи и институции, како Управата за финансиско разузнавање, Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство, судовите, инспекциските органи и Агенцијата за заштита на личните податоци, кога постои законска обврска за доставување на податоците;
  • во случај на неисполнување на обврските за отплата — овластени агенции за наплата на побарувања, адвокати, нотари и извршители, во рамки на постапките за наплата;
  • даватели на платежни услуги — при обработка и наплата на плаќањата според договорот за потрошувачки кредит;
  • стекнувачи, односно заложни доверители — при пренос или засновање залог на побарувањата на КРЕДИСИМО, согласно закон.

Личните податоци ги споделуваме само со приматели за кои сме се увериле дека применуваат соодветни технички и организациски мерки за заштита на личните податоци, при што КРЕДИСИМО останува одговорен контролор за нивната доверливост и безбедност.

VIII. ПРЕНОС НА ЛИЧНИТЕ ПОДАТОЦИ

Преносот на лични податоци кон приматели во земјите-членки на Европската Унија и на Европскиот економски простор се врши слободно, согласно член 57 од ЗЗЛП, бидејќи тие земји обезбедуваат соодветно ниво на заштита на личните податоци.

Дел од обработката на ограничен обем податоци се врши и кон обработувач со седиште во трета земја. Имено, функцијата за разговор во живо (чет) на веб-страницата се обезбедува преку давателот Text, Inc. (производ „LiveChat“), чии сервери се наоѓаат во Соединетите Американски Држави. На тој начин, оние комуникациски и технички податоци што Вие доброволно ќе ги внесете во разговорот се пренесуваат и складираат во САД. Овој пренос се врши врз основа на Стандардни договорни клаузули усвоени согласно член 53 од ЗЗЛП (Модул II — пренос од контролор кон обработувач), вградени во договорот за обработка склучен со обработувачот, со што се обезбедуваат соодветни заштитни мерки за нивото на заштита на Вашите лични податоци.

Доколку во иднина настане потреба од пренос кон друга трета земја, истиот ќе се врши исклучиво согласно условите утврдени во членовите 49 до 58 од ЗЗЛП, со примена на соодветни заштитни мерки, за што претходно ќе бидете информирани.

IX. РОКОВИ НА ЧУВАЊЕ НА ЛИЧНИТЕ ПОДАТОЦИ

Личните податоци ги чуваме само за времето што е потребно за остварување на целите за кои се собрани, односно за времето утврдено со важечките прописи. Основните рокови на чување се следните:

Категорија на податоци / ситуација Рок на чување
Барање за кредит кое е одбиено или откажано (договор не е склучен) 1 година од денот на одбивањето, односно откажувањето
Документација за идентификација на клиентот и проценка на кредитната способност („Запознај го својот клиент“) 10 години од денот на последната трансакција, согласно Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам
Сметководствена и даночна документација 10 години сметано од 1 јануари во годината што следи по годината на која се однесуваат податоците
Лични податоци обработувани врз основа на согласност за директен маркетинг 2 години од денот на давањето на согласноста, по што согласноста може да биде обновена; во секој случај до повлекување на согласноста
Електронски профил во системот на КРЕДИСИМО Додека профилот е активен, односно до барање на корисникот за негово бришење, доколку не постои друг правен основ за натамошно чување
Гласовни снимки на телефонски разговори и транскрипти од разговори во живо (чет) До 1 година од денот на разговорот, освен ако податоците се потребни за остварување или одбрана на правни барања
Податоци предмет на правен спор или постапка пред надлежен орган До правосилното завршување на спорот, односно постапката пред сите инстанции

По истекот на соодветниот рок, личните податоци се бришат, односно уништуваат на безбеден начин, освен доколку постои друг правен основ за нивно натамошно чување.

X. БЕЗБЕДНОСТ НА ЛИЧНИТЕ ПОДАТОЦИ

КРЕДИСИМО применува соодветни технички и организациски мерки за обезбедување на ниво на безбедност соодветно на ризикот од обработката, согласно член 36 од ЗЗЛП и Правилникот за безбедност на обработката на личните податоци („Службен весник на РСМ“ бр. 266/2024). Комуникацијата со веб-страницата е заштитена со криптирана врска, пристапот до личните податоци е ограничен само на овластени лица според принципот „потребно е да знае“, а за секој пристап и операција врз личните податоци автоматски се водат записи кои се редовно прегледуваат. Платежната инфраструктура е усогласена со стандардот PCI DSS за безбедност на податоците при картични трансакции. Информациските системи се засноваат на редовно ажуриран и ревидиран софтвер, а со интерни акти се утврдени условите и редоследот за собирање, обработка и чување на личните податоци во хартиена и во електронска форма, како и контролата врз нивното почитување.

XI. КОЛАЧИЊА

Веб-страницата на КРЕДИСИМО користи колачиња — мали текстуални датотеки што се складираат на Вашиот уред заради обезбедување на функционалноста на страницата, подобрување на нејзината ефикасност и складирање на Вашите преференции. Детални информации за видовите колачиња што ги користиме, нивната намена и начинот на управување со нив се содржани во Политиката за колачиња, достапна на: https://credissimo.mk/mk/cookies.

XII. ВАШИТЕ ПРАВА

Во врска со обработката на Вашите лични податоци, согласно членовите 15 до 22 од ЗЗЛП ги имате следните права:

  • Право на пристап - да добиете потврда дали КРЕДИСИМО ги обработува Вашите лични податоци, пристап до нив и информации за обработката, вклучително за целите, категориите на податоци, примателите и роковите на чување;
  • Право на исправка - да побарате без непотребно одлагање да се исправат Вашите неточни лични податоци, односно да се дополнат нецелосните податоци;
  • Право на бришење („право да се биде заборавен“) - да побарате бришење на Вашите лични податоци кога повеќе не се потребни за целите за кои се собрани, кога ја повлекувате согласноста и не постои друг правен основ, кога успешно сте поднеле приговор или кога обработката е незаконска. Ова право не се применува во мера во која обработката е потребна за исполнување на законска обврска на КРЕДИСИМО или за остварување, односно одбрана на правни барања;
  • Право на ограничување на обработката - да побарате ограничување на обработката кога ја оспорувате точноста на податоците за периодот на проверка, кога обработката е незаконска а Вие наместо бришење барате ограничување, кога податоците ни се повеќе не ни се потребни но Вие ги барате за правни барања, или кога сте поднеле приговор — до проверката дали нашите легитимни основи преовладуваат;
  • Право на преносливост - да ги добиете личните податоци што сте ни ги дале, во структуриран, вообичаено користен и машински читлив формат, и да ги пренесете на друг контролор, кога обработката се заснова на согласност или договор и се врши на автоматизиран начин;
  • Право на приговор - во секое време да поднесете приговор против обработката заснована на легитимен интерес, по што КРЕДИСИМО ќе престане со обработката освен ако докаже убедливи легитимни основи кои преовладуваат над Вашите интереси, права и слободи. Кога приговорот се однесува на обработка за цели на директен маркетинг, вклучително профилирање за таа цел, обработката престанува безусловно;
  • Право на повлекување на согласноста - во секое време да ја повлечете согласноста кога обработката се заснова на неа, без тоа да влијае на законитоста на обработката пред повлекувањето, ниту на обработката за која постои друг правен основ.

XIII. ОСТВАРУВАЊЕ НА ПРАВАТА

Барањето за остварување на правата можете да го поднесете бесплатно, до ОЗЛП на адресата на електронска пошта dpo@credissimo.mk, по пошта на адресата на седиштето на Друштвото, или лично, односно преку полномошник со уредно полномошно. Барањето треба да содржи податоци доволни за Ваша идентификација (име и презиме, адреса, телефон, број на договорот доколку постои), опис на барањето и претпочитан начин на доставување на одговорот. Заради заштита на Вашите податоци, пред постапувањето можеме да побараме дополнителна потврда на Вашиот идентитет.

По Вашето барање ќе постапиме без непотребно одлагање, а најдоцна во рок од еден месец од приемот. Кога тоа е потребно поради сложеноста или бројот на барањата, рокот може да се продолжи за дополнителни два месеци, за што ќе бидете известени во рамки на првиот месец, заедно со причините за продолжувањето. Во случај на смрт на клиентот, неговите права ги остваруваат наследниците, со приложување решение за наследување кон барањето.

Доколку сметате дека обработката на Вашите лични податоци не е во согласност со ЗЗЛП, имате право да поднесете барање за утврдување на прекршување до надзорниот орган: Агенција за заштита на личните податоци, бул. „Гоце Делчев“ бр. 18 (зграда на МРТВ, кат 14), 1000 Скопје, телефон 02 3230 635, е-пошта info@privacy.mk, веб-страница: azlp.mk.

XIV. ИЗМЕНИ НА ПОЛИТИКАТА

КРЕДИСИМО може повремено да ја менува и дополнува оваа Политика заради усогласување со измените на прописите или со промените во работењето. Секоја изменета верзија се објавува на веб-страницата на КРЕДИСИМО, со назначен датум на последното ажурирање. Ве охрабруваме периодично да ја прегледувате Политиката. Оваа Политика е донесена со Одлука на управителот на КРЕДИСИМО и е последно ажурирана на 19.06.2026 година, на кој датум е објавена на веб-страницата на КРЕДИСИМО.