Зошто простуваме на Прочка?

Зошто простуваме на Прочка?

Прочка или Велики поклади е празник на кој верниците си простуваат меѓу себе во пресрет на велигденскиот пост. Датумот на празникот Прочка се менува во согласност со датумот на празникот Велигден, односно празникот Прочка се празнува точно седум недели пред големиот христијански празник Велигден.

Потекло и значење

Зборот „прочка“ потекнува од старомакедонскиот словенски збор „проштение“, што значи простување. Оттаму, Прочка е манифестација на искреноста и пожртвуваната љубов кон ближните, следејќи го примерот на Исус Христос за безусловно проштевање меѓу луѓето. Овој празник се смета за духовна метла со која ја метеме душата од гревовите, барајќи прочка од блискиот и, исто така, простување на блискиот, што всушност е и суштината на празникот Прочка.

На празникот Прочка помладиот му се обраќа на постариот со зборовите „прости ми“, а постариот возвраќа со зборовите „простено ти е и од мене и од Бога“. Сепак, прочка се бара и се дава на секого кој го сметаш за близок, па дури и за оние кои ги сметаш како непријатели. Да простиш, значи да се ослободиш од гневот и да примиш љубов во срцето, да се исчистиш од лошите мисли и намери. Простувањето важи и за себе, да се покаеш за своите гревови, да го смениш мислењето и да постапиш поразлично од претходно, преку дела да покажеш дека си простил себеси и на другите.

Традиција

Во Македонија, Прочка, главно, поминува со семеен ручек, но и со прослави во вид на маскирање и карневали како пагански обичаи кои останале да се практикуваат.

Неделата пред Прочка се вика Бела или Сирна недела, кога не се јаде месо, туку оброците најчесто се состојат од млечни производи и месени пити. Прочка во семејството се одбележува со богат мрсен ручек кој завршува со амкање јајце.

Варено јајце се врзува на конец и се врти околу главите на децата. Детето кое ќе го гризне јајцето се прогласува за најсреќно во следната година и добива награда. Инаку, смислата со јајцето е  дека пред постот, на последното мрсно јадење, ја затвораме устата со бело јајце и ја отвораме со црвено - велигденско јајце, на Велигден, кога и завршува седумнеделниот пост.

Денот по Прочка се вика чист понеделник и со него почнува велигденскиот пост, а со тоа се означува крајот на зимските, односно почетокот на пролетните празници.

Што се однесува до прославите со маскирање, Струмица ја негува една од најдолгите традиции кои се изведуваат за Прочка, добро познатиот Струмички карневал.

Струмичкиот карневал

Од 1960 година, Прочка во Струмица почнува да се одбележува масовно и организирано на плоштадот, излегувајќи од првобитната форма и изведувањето во домот на армасаната (свршената) девојка како дел од обредот на иницијатива на идната невеста. Па така, во втората половина од XX век, карневалот во Струмица се шири благодарение на индивидуални и групни учесници од цела Македонија, при што и другите балкански земји почнале да се приклучуваат на масовното маскирање. Од 1994 година, Струмица станува членка на Федерацијата на европските карневалски градови и успешно се вклучува во светското карневалско семејство, прераснувајќи во меѓународна традиционална манифестација.

Оваа Прочка искористи ја да им простиш на твои ближни, како и да побараш прочка од некој близок на кого сметаш дека си му згрешил, за да ти бидат чисти совеста и душата и со леснотија да влезеш во велигденските пости кои следуваат, доколку се придржуваш кон православните обичаи.



Врати се назад

Прочитај повеќе